Кога и како да воведете мед во исхраната на детето?

Дете Исхрана Предбременост

Медот е природна храна т.е. сложен природен производ кој има пријатен мирис и вкус. Содржи прости шеќери, минерали, витамини и ензими и делува позитивно на апетитот и имунитетот. Децата треба да го јадат како замена за шеќер. Медот е силен алерген, затоа треба да се внимава кога се воведува во исхраната на детето. Ставот на педијатрите е воведување после првата година од животот на детето. Со додавање на медот во храната, побрзо се искористува калциумот од истата. Секогаш додавајте го во млака храна, никако во жешка.

На што да внимавате при воведување на медот во исхраната на детето:

  • Ако детето има алергиски реакции (екзем -атопичен дерматит, алергија на протеини од кравјо млеко, или алергија на некоја друга храна) никако не давајте пред да наполни 18 месеци,
  • Ако некој во семејството има алергиска реакција на мед или некоја друга храна, бидете внимателни и воведувањето на медот треба да биде во многу мали количини
  • Започнете со цветен (ливадски) мед, земен од проверен производител
  • Дневна количина е 1грам/1 кг тежина на детето
  • Се започнува со 1/4 лажичка мед растворен во млака вода, чај, сок или млеко
  • После првото давање се чека четири дена, доколку нема реакција (осип, чешање, повражање или пролив) продолжете да давате со зголемување на количината. После две недели треба да почнете со давање на дневната препорачана количина на мед

Доколку детето има две години, а сеуште нема пробано мед, се воведува на ист начин како што е објаснето претходно. Ако детето е постаро од две години за ужинка понудете медени колачиња, крем со јаболка и мед, палачинки со мед.